Cluster3edu

Потребата од коренити реформи во високото образование е нагласена повеќе пати, но засега нема јасна проекција што треба да вклучува овој реформски процес.

Во разговор со тимот на Институтот БИРС, академик Абдулменаф Беџети вели дека реформите мора да се направат во повеќе димензии и дека за тоа е потребен широк политички и општествен консензус.

„Мислам дека немањето политичка одлучност да се направат суштински реформи во образованието е повеќе од евидентен. За недоследност во спроведувањето на реформите говори и фактот што 34 години, од почетокот на транзицијата, се сменети над 28 министри во МОН. Во просек на секои 14 или 15 месеци се менува министерот за образование“, вели Беџети.

Беџети, кој е и ректор на ЈИЕ а до неодамна и претседавач со Интеруниверзитетската конференција на Северна Македонија, зборува и за реформите што треба да се направат во рамките на Болоњскиот процес и процесот на интеграција во ЕУ, како и за напорите за подобрување на рангирањето на универзитетите во меѓународни кредибилни листи.

– Многу стратегии, акциски планови, реформи и образовни политики, но резултатите не изгледаат задоволителни кога зборуваме за квалитетот на образованието во Северна Македонија. Кои се, според вас, главните дефекти што го спречуваат квалитетниот образовен систем?

Абдулменаф Беџети: Секако дека недостатоците на системот во високото образование се повеќедимензионални, но приоритет треба да биде правно-нормативниот аспект. Многу законски решенија не се во согласност со нашето законодавство и не се во нормативна конвергенција со законодавството на Европската Унија. За што конкретно станува збор? Нашиот закон за високо образование, генерално се базира на концепт на прекумерна регулација, има околу 210 членови кои регулираат што не треба да се прави, но не регулираат она што е најважно – што треба да се прави. Постојниот Закон за високо образование во центар на внимание наместо студентите ги има професорите или предавачите, т.е. повеќе се грижи за нив отколку за оние за кого е наменет-студентите!

Од друга страна, на универзитетите им недостасува аспектот на академска слобода, во функционална смисла на зборот. Потоа, им недостига аспектот на слободата на човечките ресурси – колку можат да ги развиваат и обучуваат човечките ресурси, колку да прифатат се повеќе и поквалитетни кадри. Ним им недостига академска слобода, особено финансиска слобода за распределба и ефикасно и ефективно користење на нивните финансиски средства, не само оние што ги добиваат од министерството. Затоа, од овој нормативен аспект, има големи недостатоци. Законот за работни односи ги штити повеќе неработниците отколку вредните поединци. Ако до пред некое време, и со право професорите се жалеа за ниски плати, денес (а по два месеци уште повеќе) треба да се загрижуваат за тоа колку и што испорачуваат за тие прилично добри плати.

– Вие, до пред месец дена, бевте во мандат од две години и претседател на Интеруниверзитетската конференција во земјата. Дали сте разговарале за овие прашања на тој форум?

Абдулменаф Беџети: Секако да. Последните 6 месеци од мандатот работевме инклузивно во измени и дополнувања на постојниот Закон на високо образование и прв пат во последните декади, консензуално и едногласно истите ги усвоивме. При самото формирање на новата влада, истите ги врачивме на новата министерка за образование и наука, Проф. Весна Јаневска. Благовремено ги проучи и на некои наврати и заедно ги согледавме одредените решенија. Релативно брзо се рефлектира, со тоа што пред само два дена таа конституирала инклузивна работна група која ја води истата професорка која ја водеше работната група на Интеруниверзитетската конференција за уште едно ,,пречистување“ на предлог решенијата. Со оглед на брзината, составот и раководењето, се надеваме на оптимален епилог.

Во центар на внимание треба да биде дизајнирање и функционалноста на системот за квалитет. Концептот систем на квалитет подразбира концепт на вкупен квалитет или „менаџмент со тотален квалитет“. Значи, во однос на квалитетот во сите сегменти. Не само во наставата, предавањата, вештините, туку и во науката, и во очекувањата на студентите, и во развојот на адекватни наставни програми што ги бара пазарот на трудот и во соработка со бизнис заедницата и со невладините. Не за реторичко и механичко учење туку начин на размислување и создавање на вештини за решение на проблеми.

Системот за финансирање на високото образование е исто така многу значајна компонента. Од самиот почеток на транзиција до ден денес се финансираат високообразовни институции а не нивниот резултат. Многу членки на јавни универзитети-факултети, денес имаат повеќе вработени од колку студенти! Подеднакво се платени истите категории на професори без разлика од нивната продуктивност, перформанса или пак обем на работа. Нема мерливи индикатори за наградување по основ на диференцирани индивидуални резултати (варијабилен дел). И сосема неосновано е односот на поединци ( а на жалост се во голем број) кои постојано се повикуваат на академската автономија, заборавајќи на академскиот интегритет. Јас одамна промовирам равенка на автономија, која почнува таму каде завршува одговорноста и отчетноста.

– Речиси три децении по независноста на државата, зошто не успеавме да имаме квалитетен, функционален образовен систем сличен на оној на ЕУ?

Абдулменаф Беџети: Одговорот на ова прашање не е едноставен бидејќи прашањето е сложено. Ние 30 години сме во маѓепсан круг и постојано сме во транзиција. Мислам дека евидентен е недостатокот на политичка волја еднаш засекогаш да се направат суштински реформи во образованието. Самото тоа што 33-34 години, од почетокот на транзицијата, во МОН се сменија повеќе од 27 или 28 министри, доволно зборува. Мислам дека за да се направат реформи во образованието, потребен е многу широк консензус меѓу релевантните политички креатори, вклучително и опозицијата. Политички консензус кога ќе влезат во реформа таа да биде стабилна, а не да се прекинува штом дојде нова влада. Реформите во основното, средното и високото образование не се носат со партиска агенда. Имавме некои реформи со Кембриџ програмите пред 15 години. Потоа, пред 4-5 години, некои други програми каде што беа замислени таканаречените нови концепти на образовни реформи. Така, секоја деценија правиме некои реформи, стратегии, концепти кои никогаш не одат далеку и застануваат на половина пат.

И последно, но најважно, е политизирањето на образованието. Додека во основните и средните училишта директорите се назначуваат на политичка основа, а делумно и ректорите на државните универзитети, не можете да направите суштински промени. Затоа останавме во овој маѓепсан круг, заради тоа што образованието е скроено по теркот на политичката класа која е на власт, како на централно така и на локално ниво. Во одредени ситуации, особено на локално ниво, партизирањето е уште поостра. Додека овие дефекти во образованието не се поправат, не се спречат, ние секако дека ќе продолжиме да се вртиме во тој маѓепсан круг.

– Гледаме незадоволителни резултати на нашите универзитети на меѓународните рангирања. Каде лежи проблемот?

Абдулменаф  Беџети: Основниот проблем лежи во изместен и обезвреднет систем на вредности со што е создадена навика дека не е важно успехот туку ,,врските”.

Потоа претворањето на високото образование во масовен феномен. Не станува збор само за масовност на високото образование каде секој кандидат, без разлика на претходниот успех, се запишува на студиска програма, со некои исклучоци на медицинските или стоматолошките факултети каде конкуренцијата е поголема туку и голем број од нив и се дипломираат. Изедначувањето на различните вредности при вработувањето го закопа квалитетот на високото образование. Потоа постојат и други предизвици поврзани со големите технолошки иновации и промени. Новата технологија го промени начинот на учење. Денес, учењето не е ограничено само на училници, амфитеатри или лаборатории. Учењето може да се одвива и преку Интернет или други формати. Тука е и вештачката интелигенција која носи големи промени и не предизвикува се повеќе и повеќе.

– Кога сме кај модернизацијата на образовниот систем, значаен е и Болоњскиот процес. Колку тој се спроведува во Северна Македонија?

Абдулменаф  Беџети: Болоњскиот процес е спроведен во некои аспекти, но не и во неговата суштинска смисла. Овој процес значеше квалитативни промени во високото образование, а не само формално-правни аспекти. Ги прифативме формалните принципи на Болоња, но не и функционалните критериуми. Базично е формулата на дизајнирање и моделирање на студиските програми во обем и структура за да се создаде одреден резултат од предметот (т.н. learning outcomes) а не само по влезни параметри, како што се број на часовите за предавање, вежби и сл. Потоа еден од  основните принципи е мобилноста на студентите и кадарот, која не се имплементира. Овој принцип подразбира дека секој студент има можност да се пресели, да следи курс на друг универзитет, да помине еден семестар во друга земја, да помине две години на еден универзитет и една година на друг, со слични наставни структури. Но ова, не дека не им се случува и на студентите, туку не им се случува ниту на академскиот кадар.

Државните универзитети, за да ограничуваат „нелегалното” преливање на „комерцијална” основа на своите кадри кај приватните универзитети, во Законот нормира потреба за парадоксални одлуки, каде што ја забранија мобилноста на нивниот кадар. Јас апсолутно ја разбирам логиката и потребата ама не и начинот. Значи, со декрет таа мобилност е забранета, а од друга страна тоа се основните принципи на Болоња.

Еден друг аспект е дизајнирање и ажурирање на наставните програми според Болоњскиот систем. Болоња бара флексибилност, а во нашите универзитети тоа го нема. Наставните програми денес се статични и не можат да се менуваат во рок од четири години, без разлика дали тоа им е потребно на студентите. Ние живееме во еден нов свет каде работите се менуваат секој ден и многу брзо, па затоа пазарот на труд бара нови вештини. Поради недостаток на флексибилност не можеме да се прилагодиме на пазарот на трудот. Откако ќе акредитирате програма, законот ве обврзува да ја следите со целосна одлучност до крај. Во спротивно ќе имате проблеми со просветниот инспекторат. Од овие аспекти гледаме дека Болоња е повеќе присутна по форма, а многу малку по содржина. Содржината на Болоња е да ги направи универзитетите погодни за пазарот на трудот и да го намали јазот што постои помеѓу побарувачката и понудата. Тие барања што ги има пазарот на труд за одредени профили не ги произведуваат универзитетите. Ни квантитативно не ги произведуваат, а камоли по квалитет. Од друга страна, значителен дел од тоа што го произведува универзитетот не го бара пазарот на трудот. Значи тука имаме асиметрија помеѓу побарувачката и понудата.

– Земајќи предвид автономијата која им е загарантирана на универзитетите, има ли било каква можност универзитетските програми, сепак, да се усогласат со пазарот на трудот? Каде е решението на овој проблем?

Абдулменаф Беџети: Мислам дека решението е во поголема академска слобода на самиот универзитет. Освен делот кој се занимава со главните, концептуални столбови кои треба да сочинуваат не повеќе од 50 проценти од програмата, останатото треба да го смисли самиот универзитет во сопствената академска слобода со кое ќе се конкурираат меѓу себе. Треба да се остави универзитетот да преземе одговорност во однос на прилагодување на наставните програми со самиот пазар на труд. Како што кажав, до пред месец дена ја водев  Интеруниверзитетската конференција со 16-17 ректори и гледав дека ректорите беа најактивни  кога се создаваат регулаторните тела, односно кога се избира одборите за евалуација и акредитација!

– Во овој аспект – што би ја советувале новата влада? Како да се премине од „политички“ реформи во реформи засновани на експертиза?

Абдулменаф Беџети: Првиот предуслов е да се изгради широк политички консензус за концептот на стратегијата, кој треба да ја носат власта и опозицијата. Таа стратегија мора да се следи, без разлика на ротации на власта и политичките влијанија. Значи, не треба да се попречува Министерството за образование и наука во нејзината намера за реформирање образованието во целосна смисла на зборот. Не треба дневната политика да се меша во образованието бидејќи тоа е нешто премногу свето за да се политизира. За жал, во нашето образование вредносниот систем е изместен, во сите образовни нивоа. Ние знаеме дека успехот на високото образование зависи од претходните образовни циклуси. Да ви кажам еден факт: за време на пандемијата Ковид-19 системот на онлајн настава скоро целосно потфрлил. И сега ние како универзитети ги имаме првите генерации на пандемијата, кои беа принудени да посетуваат онлајн настава во втора или трета година од средните училишта. Имаме голем проблем со нив и нивното основно знаење. Следната година ќе ја имаме генерацијата што следеше онлајн учење во прва и втора година. Ова покажува дека за време на пандемијата онлајн учењето се одржувало само во извештаите, но не и во суштина. Има три-четири генерации кои пандемијата ги затече во различити нивоа во кои гледаме голем пад на квалитетот и мораме да вложиме многу труд за да го надоместиме минималното специфично знаење. Размислете кога студент се запишува на економија, бизнис, компјутерски науки, инженерство, но не знае основни операции со дропки. Тој не ги знае основните математички операции а треба да му објасните други аспекти, како деривати, функции или интеграли!

– Иако сеуште реално не се започнати преговорите за членство во ЕУ, сепак земјата би требало да ги спроведува реформите кои се итни заради динамичниот глобален свет во кој живееме. Во однос на образованието, Кластерот 3 во преговарачкиот процес ги дефинира реформите што мора да се направат во овој домен. Кластерот 1 предвидува и некои реформи во однос на мобилноста. Колку капацитет има земјата да ги исполни овие стандарди?

Абдулменаф Беџети: Веќе е евидентно дека имаме недостиг на капацитети и ќе имаме се повеќе и повеќе. Тоа е затоа што во голема мера се девалвирани критериумите кој може да биде професор во средно училиште, кој може да биде професор во високото образование. Пред две децении го имавме концептот „знај-како“ (know-how), т.е. да знаеш како да правиш нешта, но денес го имаме концептот „знај-што“ (know-what), т.е. знаеш за што ги правиш тие нешта. Денес пазарот на труд има различни барања од година во година, додека сè уште сме во конзервативен свет во однос на академската слобода. Се создаваат предмети за профилот на еден професор, кој потоа дава отпор кон потребните прилагодувања велејќи: „тоа се мои предмети и области“! Како тие предмети да се во негова приватна сопственост. Од друга страна, денес сме предизвикани од технологијата, вештачката интелигенција и веќе не знаеме што треба да биде науката и научното производство во однос на новите научни вредности. Се измешани концептите за научна продукција и репродукција! Броењето на цитирањата станаа инженеринг! Наука е тоа што создава ново знаење, нова вредност, ново критичко размислување, иновации, и сл. а не „организирано мрежно цитирање“!  Ова се големите предизвици за кои, за жал, многу луѓе во академскиот свет не се свесни. За овие предизвици треба да размислуваат и креаторите на образовните и научните политики.

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Извор: Inbox7