Cluster3edu

Гордан Георгиев е претседател на невладината организација ФРП, која како водечка организација спроведува проект за реформи во образовниот систем. Во ова интервју, Георгиев критички ја опсервира целата траекторија на образованието во Северна Македонија. Сите дефекти во образовниот систем ги гледа во немањето натпартиска анализа и стратегија и во политичките злоупотреби кои отсекогаш се случувале во Министерството за образование и наука. Долгорочниот пристап, вели Георгиев, е клучот во образованието. “Долгорочноста е клучот во образованието. Не случајно големите држави, демократските држави, најразвиените скандинавски држави имаат специјални тела кои што годишно ги ревидираат или условно кажано ги коригираат стратегиите, но стратегијата е таа, таа стои за 10, 15, 20 години“, вели тој. Се покажува, вели тој, дека глобалниот свет сè уште се заснова на знаење, и не на какво било знаење, туку на специфично знаење кое е поврзано со пазарот на трудот. Тој зборува и за големата продукција на дипломи, кои суштински се девалвирани на ниво на знаење, за Болоњскиот процес како и за одржливи решенија за суштинска реформа во образовниот систем.

Кои се главните дефекти што го попречуваат квалитетното високо образование во Северна Македонија?

Гордан Георгиев: Големо прашање е тоа! Прашањето е од каде да почнеме за дефектите. Тука се работи, иако изгледа флоскула, за системски решенија, за поставување на системот, кој во почетокот на  90-тите години беше поставен како наследство од бивша Југославија. И тоа се покажа како недоволно, не само за етничкиот моментот, што е важен, туку и поради новите реформи што ги налага ЕУ и воопшто новиот глобализиран образовен контекст. Македонија не се снаоѓа на тоа ниво. Пред се, ако треба да издвојам големи дефекти, тоа е дека немаме план, како држава, како политички елити, кои доаѓаат и си одат од власт. Ние немаме план како да го развиваме образовниот систем. И што се случува? Ќе дојде еден министер, една гарнитура на власт и вели јас го сакам овој концепт. Одиме со тој концепт. Ќе заврши мандатот од четири години, и доаѓа нов министер кој вели – ние друг концепт ќе правиме. Образованието, здравството, социјалата се темелни прашања за една држава, столбови. Тие не смеат да бидат тема на партиски ставови, туку треба константни политики на ниво на држава, каде политичките елити, на ниво на партии, на ниво на експертиза да се договорат што е потребно и истото да го испочитуваат. Со секој нов министер имаме нова реформа, и колку што знам во министерството има еден куп стратегии образовни кои стојат во фиока, и некој ги вади по потреба а некој создава нови.

Првата работа, мислам дека треба да се широк консензус, каде големите партии, македонски и албански, ќе се договорат дека оваа ќе биде носечкиот столб на реформите. Тоа досега не е направено и сите бегаме од тоа. Се плашам дека тоа новата власт нема да го направи. Имаме во просек послаби студенти кои се запишуваат, во просек имаме послаби студенти кои завршуваат и добиваат дипломи. Не само на додипломски, туку и на мастер и докторски студии, дипломи кои на пазарот на трудот вредат само како парче хартија. Но тоа не продуцира знаење. А згора на се, имаме инертност кај академскиот кадар. Од една страна, имаме академски кадар во приватните универзитети, кој е платен колку што е платен, релативно малку е платен. Втората работа, на државните универзитети, имаме огромен проблем со дисперзирани студии, кои ни останаа од времето на Груевски, и направија тотална разорност во образовниот систем. Тие создадоа многу пунктови кои не даваат квалитет, а создаваат дипломи. Кога ќе се појавите вие со вашата диплома на пазарот на труд, и конкурирате со некој што има подобра диплома и повеќе знаење, вие на исто ниво сте. Работодавачот, особено ако партиски е поврзана работата, ќе ве препознае по друга линија, а не по образовна, академска или по линија на знаење. Сега ова не се мали проблеми, не се мали теми, огромни се. Но, ние мора да седнеме и да се договориме што можеме да направиме, бидејќи Македонија каска буквално на сите рангирања на квалитативно образование.

Зошто не можеме да излеземе од овој круг на постојано повторување на истите дефекти?

Гордан Георгиев: Tемата на долгорочност на реформите бара договарање дека ова ќе го правиме во следните 10-15 години и дека нема да одиме  лево-десно од тоа. Секој нов министер, кој ќе го наследи од претходниот, треба да продолжи од таму до каде стигнала реформата, а не од ново да почнува. И сега проблемот што е? Министерството за образование е важно министерство, но партиите често го гледаат како плен за привлекување и мобилизирање на партиската база, или за контрола на процесот, а не како можност да се реформира процесот. И затоа велам дека долгорочноста е клучот за реформи во образованието. Не случајно големите држави, демократските држави, како скандинавските држави, имаат специјални тела кои што годишно ги ревидираат или условно кажано ги коригираат стратегиите. Но, стратегијата е таа – важи за 10, 15, 20 години.

Цело време се бележат лоши резултати на меѓународните рангирања. Каде стои проблемот според вас?

Гордан Георгиев: Проблемот е тоа што го спомнав претходно, но имаме проблем и со одливот на мозоци. И тоа станува приличен сериозен проблем. Последниве години луѓето заминуваат од Македонија, – и Македонци и Албанци, Турци, – по работа што не бара висока квалификација. Сега добрите деца, добрите студенти, веднаш по завршување на средното училиште гледаат да заминат во странство. Заминуваат за работа или да си го продлабочуваат знаењето во подобар универзитет во Европа. Словенија, Германија и други земји веќе имаат програми за привлекување на македонски студенти. Значи најдобрите или наоѓаат работа или универзитет за студирање, каде по дипломирањето остануваат таму. И гледајте кој парадокс – ние ги образуваме децата од основно, средно, факултет и магистерски, создаваме готов производ условно кажано за пазарот на труд, и после заминуваат без никаква трага или можност да се вратат.

Колку е консолидиран и колку Болоњскиот процес се спроведува во Северна Македонија?

Гордан Георгиев: Имаше отпор од академската заедница, пред се од државните универзитети. Болоњскиот процес е далеку од совршен. И во Европа се актуелни дискусиите на тема Болоњскиот процес, практично дали  ги исполнил очекувањата. Да, мобилноста е една од клучните работи кој што многу придонесе во комуникацијата, развивање на вештини, знаења на студентите ширум Европа, но типот на образование што се нуди може да се проблематизира. Кај нас не беше тоа случај. Ние имаме конзервативни „џебови“ на универзитети кои едноставно не сакаат да бидат подложени на таков тип на критериуми. И ова создава проблем, отпор. Ако мобилноста ја гледаме од аспект на нострификацијата на дипломите, може да кажеме дека кај нас тоа оди како да сме во 80-тите години на минатиот век. Јас сум еден од тие дипломирани кој се вратил од студии од Франција и Англија и сум имал потреба да ги нострифицирам моите дипломи. Беше тоа пеколен пат бидејќи треба да одите од една на друга канцеларија.  Ви бараат куп документи. Тоа во Словенија, со кое можеме да компарираме, оди многу едноставно. Значи нострификацијата се прави дигитално, има информациски системи кој веднаш ги препознава дипломите од каде доаѓаат, и немате потреба да одите низ таква бирократска голгота. Не се виновни луѓето што работат на нашите институции. Тоа е прашање на менаџирање од старана на министерството, високо раководните функции во министерството. Јас се плашам дека има приземни мотиви за нефункционирање на мобилноста и нострификацијата, затоа што има луѓе во разни институции, не само во министерството, кои што ја гледаат оваа голгота како практикување на моќ на микро ниво. И тоа е проблем. Некои од тие луѓе се способни и би можеле да бидат корисни во олеснувањето на процесот, а не во спротивното.

Како да се премине од „политички“ реформи кон реформи засновани на експертиза?

Гордан Георгиев: Мојот впечаток е дека Министерството за образование, како клуч за спроведување на реформите, често не се сваќа сериозно од страна на партиите или често е монета за поткусурување  во коалициските договори. Македонските големи партија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се залагаат за големи реформи во образованието и нудат таква програма, за потоа во коалициски преговори да ја отстапат на коалиционен партнер, или на министер кој нема таков капацитет. Незамисливо бил во минатото, особено во почетокот на 90-ти години, министерот за образование да не биде најмалку доктор на науки. Како вие ќе спроведувате реформи во образованието ако не сте од областа или ако не можете да комуницирате на исто ниво со вашите колеги во образовниот систем. Затоа, мислам дека експертизата во Министерството за образование постои, постојат луѓе на раководните функции кои ја знаат работата, но треба да се мотивираат и мобилизираат. Се разбира дека политичкиот такт го дава министерот, но важно е колку целата влада и премиерот ќе го поддржат.

Кластерот 3 во преговарачкиот процес ги дефинира реформите што мора да се направат во образованието. Исто така првиот кластер. Колку капацитет има земјата да ги исполни овие стандарди?

Гордан Георгиев: Прво, ние има буџетски проблеми. Буџетот на Министерството за образование е голем, но прашање е колку тој реалистично стига до крајните корисници, учениците или студентите, и  до академскиот кадар. Темата околу поврзување на кластерите, она што бара и ќе бара ЕУ од нас, пред се е во делот на иновација, инвестициите во науката. Ние, ако не се лажам, издвојуваме само 0.3 до 0.4 проценти од буџетот за  инвестиции во науката, додека развиените држави инвестираат 2 или 3 проценти. Тие се големи разлики на годишен буџет. Се покажува дека глобалниот свет, таков како што го знаеме сега, сè уште е базиран на знаење. Не само на било какво знаење, туку на специфично знаење, кое е поврзано со пазарот на трудот. Ние мора да ги следиме светските трендови, од кои некои се добри а некои можеби не се добри. Но, тука ние мораме да бидеме во дослух и цело време да комуницираме на стручно ниво со Европската комисија за да можеме да видиме во кој дел Македонија треба да се насочи,  за да може да продуцира не само квалитетни кадри, туку и кадри што можат да најдат место на пазарот на трудот. Во овој момент, тоа го покажува и нашиот проект, е дека комуникацијата помеѓу образованието и бизнис секторот е речиси никаква. Од една страна имаме образование кое е инертно и од кое што ни бегаат студентите, и имаме бизнис сектор кој што изгледа дека е самодоволен, како да не им требаат таков тип на кадри. Затоа, многу е важно комуникација со бизнис секторот, особено со тој кој има потреба од високо квалификувани стручни кадри. Не треба само да ги продуцираме надвор од Македонија па да чекаме дали ќе се вратат, туку тие кадри ка ги создаваме и во Македонија, да ги препознаеме, да инвестираме во нив, за на крај да може да ги вградиме во економските текови. За мене ова е клучен предизвик за во иднина. Мислам дека полека и стопанските комори, и бизнисот, особено оние кои се извозно ориентирани, кон иновации, го сфаќаат сериозно овој тип на преплетување помеѓу образованието и бизнис секторот.

Потребата од реформи е постојано нагласена. Каде да се започне?

Гордан Георгиев: Треба да седнеме на маса сите засегнати странки. Тоа значи академијата, државните, приватните универзитети, каде што има голем дел од вината, ако можеме да кажеме вина, бидејќи нивната цел за профит е една работа, но нивната општествена одговорност да продуцираат квалитетни кадри, е друга работа. Не зборувам за сите приватни високообразовни институции. Има еден друг тип на приватни универзитети кои прават баланс помеѓу профитот и квалитетот, а тоа мора на некој начин да се заузда. И таа дискусија мораме да ја направиме. Политичките елити се плашат да влезат во таа дискусија. Зошто? Затоа што губат потенцијални гласови, бидејќи се работи за многу вработени. Голем дел од нив се неквалитетни кадри, не само со проблематични дипломи, туку со проблематично знаење кое што треба да се пренесе, а која е поважно од дипломата. Во овој свет генерално имаме девалвација на дипломите, имаме многу продукција на дипломи, секакви, и магистерски и докторски, но во суштина се девалвирани на ниво на знаење. Биг-бенгот за мене е седнување на маса на сите општествени чинители и долго разговарање и доаѓање до договор. Треба заедно да излеземе и да кажеме – луѓе, ова е планот за кој се согласивме, вака ќе ја тераме реформата. Тоа треба да биде Библијата и Куранот за високото образование или општо за образованието.

Како да се усогласат универзитетските програми со пазарот на трудот. Посочено е дека има несовпаѓање, јаз, кој постојано расте?

Гордан Георгиев: Има несовпаѓање, и тоа е логично не само во Македонија, бидејќи пазарот на трудот се менува. Со технологијата и со вештачката интелигенција се менуваат потребите на пазарот на труд повеќе од претходно, многу повеќе од пред 90-тите, кога немаше интернет и овој вид на комуникација. Тоа значи дека мора да постои некое тело што ќе го следи ова. Тоа тело треба да биде стручно, надпартиско, каде нема да има влијание партијата, министерот или кој да е раководен орган. Тоа тело на краток рок, од две до десет години, кога ќе ги транспонирате образовните реформи, да проценува каде се недостатоците. Словенија го прави тоа перфектно. Ќе ви кажам еден пример. Словенија продуцира  16 до 20 стоматолози годишно, на ниво на диплома, а Македонија преку 200 годишно. Значи Словенија проценила дека толку и требаат годишно, за да не се преоптоварува пазарот. Македонија не ја направил таа проценка и само дава дипломи, создава стоматолози, кои потоа остануваат изгубени на пазарот на трудот, отвораат приватни ординации и не можат да продуцираат квалитет. Тој тип на анализа е многу важен. Ако не го направиме за секој сектор, нема да можеме да знаеме каде сме и зашто ни бегаат луѓето. Притоа, ако видиме дека има дефицит на кадри во одредени области, тогаш ќе мотивираме тој тип на студиски програми, а не по секоја цена да создаваме премногу кадри во одредена област, кои што на крајот нема да можат да си најдат работа. Овој тип на опсерваторија може да и даде на политиката, на политичките лидери, точни информации каде што може да се калибрираат реформите. Тоа би било многу корисно за сите. Се надевам дека тоа ќе се случи во иднина, а новата влада ќе има свест за тоа, бидејќи губиме луѓе. Добрите луѓе што заминуваат не се враќаат, оние што немаат квалитет остануваат, иако не може да се снајдат на пазарот на трудот.

Извор: БИРЦ