Усогласувањето на студиските програми со пазарот на трудот останува сложен процес, кој бара длабока анализа и создавање на образовни политики, кои ќе бидат во склоп со динамиката на постојаната меѓузависност. Експертите оценуваат дека усогласувањето на студиските програми останува неопходна потреба за да не се произведуваат „дипломи“, кои не можат да се валоризираат на работно место. Дуалното образование, академската слобода, креативните образовни политики како и соработката на училиштата и универзитетите со економските субјекти, се гледаат како неопходни елементи за усогласување на образованието со комплицираната „машина“ на пазарот на трудот.
Додека потребите на пазарот на трудот се повеќе се менуваат, особено со технолошкиот развој, хармонизацијата на универзитетските програми со оваа нова динамика останува посебен предизвик. Експерти од областа на образованието оценуваат дека итно ќе треба да се направи длабока анализа за да се има подобар преглед на поврзаноста на студиските програми и постојано менувачките понуди на пазарот на трудот. Дуалното образование, академската слобода, креативните образовни политики како и соработката на училиштата и универзитетите со економските субјекти се гледаат како неопходни елементи за усогласување на образованието со комплицираната „машина“ на пазарот на трудот.
Ректорот на УЈИЕ, Академик Абдулменаф Беџети, решението, поточно усогласувањето на студиските програми со пазарот на трудот, го гледа во академската слобода на самите универзитети.
„Мора да се дефинира дека однапред може да се нормираат не повеќе од 50 проценти од наставните програми. Останатото треба да се остави на самиот универзитет, на сопствената академска слобода“, вели Беџети.
Според него, наставните програми се ригидни, при што не оставаат простор за менување на ниту еден предмет на програмата, која е акредитирана во четиригодишниот период.
„Во четиригодишниот период имате четири генерации кои поминуваат низ образовниот процес без ништо да се смени во наставната програма. Кога одите на повторна акредитација, треба или да се акредитира од почеток или да се акредитира истото. Значи, осум години останува истата наставна програма според Законот кој е во сила од 2018 година. Поминаа шест години откако беше усвоен тој закон, но цело време како да немаше слух да се менува или да се остави доволна академската слобода за прилагодување“, вели. Беџети.
Генерално, експертите оценуваат дека рамнотежата помеѓу теоретскиот аспект и праксата во некои студиски програми може да создаде многу поповолни предуслови за усогласување со пазарот на трудот.
Ректорот на Тетовскиот универзитет (ТУ), Јусуф Зенели, нагласува дека во некои програми треба повеќе да се зајакне практичниот аспект, соработката со институциите, не само на академскиот кадар, туку и на самите студенти.
„Ако се работи за студенти од областа на економијата, секако тие треба да бидат што повеќе учесници во организацијата или работењето на разни економски претпријатија за да видат кои се нивните потреби, но во исто време и претпријатијата да видат што се вештините на студентите, а на самиот крај на програмата да анализираме до каде сме“, вели Зенели. Тој вели дека треба да има голема вклученост на студентите во практичната работа, во сите програми, иако тоа не е лесен процес.
„Имаме добри соработки, но сите треба да инвестираме што е можно повеќе и да ѝ ставиме до знаење на помладата генерација дека вклучувањето во практичниот дел го олеснува и стекнувањето на нивното знаење, и секако тие го добиваат она што им треба“, вели Зенели.
Во однос на усогласувањето со пазарот на труд, Зенели ги гледа и соработките со универзитетите и институциите, но и искуството стекнато преку програмата Еразмус, мобилност на студенти и професори.
Усогласувањето на програмите со пазарот на трудот останува комплициран процес кој бара постојана посветеност да се идентификуваат промените и новите потреби. Експертите посочуваат дека недоследноста не е карактеристика само за Северна Македонија, но поразвиените земји веќе имаат визија како да одат напред во насока на усогласување на студиските програми. Според нив, потребите на пазарот на труд се менуваат повеќе отколку во периодот кога немаше интернет и сличен вид на комуникации.
Претседателот на Форумот за разумни политики (ФРП), Гордан Георгиев, вели дека треба да има тело што ќе ја следи динамиката на пазарот на трудот. Ова тело, според него, треба да биде професионално, натпартиско, на кое партијата, министерот и кој било друг нема да имаат влијание како орган на управување.
„Ова тело мора да ги следи овие варијации на пазарот на трудот и да може да проценува на краток рок, од две до десет години, кога ќе ги имплементира тие образовните реформи. Да проценува каде се недостатоците. На пример, Словенија го прави тоа перфектно. Ќе ви кажам еден пример. Словенија продуцира 16 до 20 стоматолози годишно, на ниво на диплома, а Македонија има преку 200 годишно. Значи Словенија проценила дека толку и требаат годишно за да не се преоптоварува пазарот. Македонија не ја направил таа проценка и само ги создава дипломите, создава стоматолози, кои потоа остануваат изгубени на пазарот на трудот, отвораат приватни ординации и не можат да продуцираат квалитет “, вели Георгиев.
Овој тип на анализа, според Георгиев, е пресуден за да се види колкав е дефицитот на некои области, а не по секоја цена да се „произведуваат дипломи“, кои не се поклопуваат со пазарот на трудот.
Бившиот министер за образование и ректор на Универзитет „Мајка Тереза“, Азиз Положани, вели Владата треба да размислува за посебни интервенции, не само во образовните политики, туку и во економската и фискалната политика.
„’Нема бесплатен ручек’, вели Фридман. Во оваа смисла, треба да размислиме како да ги поврземе засегнатите страни, бидејќи стопанството и претприемачите ја бараат оваа работа од нас“, вели Положани.
Усогласувањето на студиските програми со пазарот на трудот останува комплициран процес, кој бара длабока анализа и креирање образовни политики во синхронизација со динамиката на постојана меѓузависност. Пазарот на трудот е во многу поизразена промена од порано, додека експертите оценуваат дека усогласувањето на студиските програми останува неопходна потреба за да не се „произведуваат“ дипломи, кои не можат да се функционализираат на пазарот на трудот.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
Извор: Inbox7