Cluster3edu

Високото образование во земјава постојано се запоставува. Не се препознава неговата клучна улога во поглед на прашањата на економскиот развој и севкупниот Кластер 3 на реформи, каде што напредното образование, иновација и економија се врзуваат во природна целина, вели проф. Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки (ИОХН).

Форум за разумни политики (ФРП), заедно со ИОХН и Балкански институт за регионална соработка (БИРС), го спроведува проектот „Застапување за инклузивен развој“ посветен на поттикнување реформи во високото образование, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас.

Од видеото кое ги објаснува главните наоди и пораки што произлегуваат од проектот, може да се издвои една алармантна состојба. Имено, државата е должна да го забрза признавањето на европските и другите квалификации од странство, а не да го успори, се вели во извештаите на конзорциумот од организации што го спроведуваат проектот. Бавните „нострификации“ дополнително ги одвраќаат младите од нашата земја по нивното дипломирање во Европа.

Целта на проектот е да се зајакне свеста на стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес и неговата доследна примена, особено за неговата темелна вредност – мобилност, како предуслов за мерлива примена на интерсекторското планирање на високо-образовната и научна дејност со економската област, разбрана според принципот на „двојната транзиција на ЕУ“ – дигитална и зелена.

„Целта ни е во овој процес да ги вклучиме претставниците на институциите кои се искусни, со прогресивен поглед и со кои делиме вредности – со што ќе направиме Форум на соработка, каде што мониторираните институции се истовремено и монитори на промените. И обратно – каде граѓанското општество и академската сцена ги тестираат своите визии за промени на политиките“, изјави неодамна проф. Колозова за порталот КПД неодамна, говорејќи за проектот и за итната потреба од реформи во високото образование.

Законот, правилниците и политиките во земјава не го препознаваат овој момент во европското редефинирање на иновацијата и економијата како „геополитичко“ оружје, ниту пак го препознаваат и читаат, а ниту го разбираат фактот дека вакво „престројување“ се очекува и од Западен Балкан – ако не сака да остане економски изолиран, предупредува проф. Колозова.

Еден од најважните резултати што се очекува да ги даде проектот е одржливиот придонес кон креирање нова култура во граѓанскиот сектор и неговото разбирање на watchdog, односно мониторирање на институциите од кои се очекува – наместо да се однесуваат како непријателска новинарска критика – да се базираат на соработка врз база на компетенции за анализа и креирање политики. Проектот е во тек и се очекува да заврши во септември 2026 година.

Џ. Д.

Извор: Civil Media

Извор: Inbox 7