Cluster3edu

И покрај императивот за имплементација на принципите на Болоњскиот процес, во Северна Македонија нема подлабока анализа за тоа до каде стигнал овој процес. Од Министерството за образование и наука потенцираат дека Законот за високо образование, кој е релативно нов, усвоен во 2018 година, е целосно усогласен со европските стандарди за квалитет и гарантира автономија и независност во функционирање на високообразовните институции. Од ова министерството нагласува дека во моментов се надминуваат предизвиците забележани во спроведувањето на Болоњскиот процес и една од тие на која се посветува внимание е подобрувањето на надворешното оценување на високообразовните институции, кое заедно со акредитацијата на студиските програми се клучни активности за одржување на квалитетот на високообразовниот систем.

Болоњската декларација од 1999 година, која потоа ќе биде позната како Болоњски процес, реално означува нова фаза во европскиот образовен систем, кој има за цел да го реформира и унифицира целиот европски образовен систем. Практично, Болоњскиот процес имаше за цел да го унифицира пазарот на високото образование, со цел студентите да можат да се вработат насекаде во Европа. Преку Болоњската декларација беше објавена и целта за создавање образовен систем заснован на студиски циклуси: прв циклус, со времетраење од најмалку три години, кој требаше да претставува оптимална квалификација за вработување на студенти на европскиот пазар на трудот, додека вториот циклус се состоеше од магистерски или докторски студии.

Во подлабока смисла, Болоњскиот процес има за цел да создаде Европска област за високо образование, која се стреми стандардите за академски дипломи и стандардите за обезбедување квалитет да се вклопуваат во цела Европа.

Основните принципи на Болоњскиот процес првично беа замислени со Сорбонската декларација за хармонизација на архитектурата на европскиот систем за високо образование, потпишана на 25 мај 1998 година од министрите за образование на Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство. Сорбонската декларација се фокусира на подобрување на меѓународната транспарентност на програмите и признавањето на квалификациите преку постепено приближување кон заедничка рамка на квалификации и циклуси на студии. Исто така, имаше за цел да ја олесни мобилноста на студентите и професорите во Европа и нивната интеграција на европскиот пазар на трудот.

ТРАЕКТОРИЈАТА НА БОЛОЊСКИОТ ПРОЦЕС ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Северна Македонија се приклучува кон Болоњскиот процес со потпишување на Болоњската декларација, на министерскиот состанок одржан во Берлин во септември 2003 година. Токму со потпишувањето на оваа декларација, Северна Македонија, имено, образовните институции во земјата, преземаат обврски за спроведување на императивите и принципите на Болоњскиот процес, кој, меѓу другото, значи создавање на Единствена европска област за високо образование, обезбедување на мобилност на студентите и академскиот кадар и признавање на дипломите со користење на ЕCТS како универзална алатка, воведување на студии од три циклуси кои ќе се финализира со споредливи дипломи комплетирани со суплемент на диплома, подигнување на нивото на квалитет на образовните услуги во академските институции како и зајакнување на научно-истражувачката дејност како услов за унапредување на високообразовната дејност.

Во рамките на овој процес, во 2008 година, во Северна Македонија стапи на сила новиот Закон за високо образование, кој целосно го вклучи Болоњскиот систем на студирање. Законот воведува три циклуси на високо образование: прв и втор циклус на универзитетски студии и трет циклус на докторски студии. Поголемиот дел од високообразовниот систем, вклучително и правните факултети, почнуваат да го применуваат Европскиот кредит-трансфер систем, кој претставува единствен систем на квантитативна евалуација на напорите вложени од студентите во стекнувањето знаења, вештини и способности предвидени како студиска програма.

Исто така, за да се биде во синхронизација со Болоњскиот процес, владата во 2010 година ја усвои Националната рамка за високообразовни квалификации, преку која беше предвидено високообразовните институции, студентите и работодавачите во Република Северна Македонија да работат и да се натпреваруваат во европските и меѓународен контекст.

ГРАДЕЊЕ НА НОВИОТ ЕВРОПСКИ ПРОСТОР НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

И покрај императивот за имплементација на принципите на Болоњскиот процес, во Северна Македонија нема подлабока анализа за тоа до каде стигнал овој процес и колку овие принципи се веќе имплементирани во високообразовниот систем. Во една претходна фаза, од страна на експертите беше потенцирано дека во најголем дел од сегментите од практичната реализација на Болоњскиот процес речиси и да нема анализа, се разбира доколку не се земе предвид самоевалуацијата на факултетите. Во јавноста многу малку се зборува за имплементацијата на системот, а секој од актерите вклучени во спроведувањето на Болоњскиот процес ја развива својата „сопствена вистина“.

Од Министерството за образование и наука истакнуваат дека Северна Македонија е дел од пошироката определба за градење на нова европска област на високото образование, процес кој започна со потпишувањето на Болоњската декларација и е целосно имплементиран во нашата земја.

„Би сакале да нагласиме дека законската рамка, односно Законот за високо образование кој е релативно нов – усвоен во 2018 година е целосно усогласен со европските стандарди за квалитет, гарантира автономија и независност во функционирањето на високообразовните институции“, нагласуваат од Министерство за образование и наука.

Исто така, од ова министерството нагласува дека значително е подигнат нивото на соработка и заедничко делување на институциите кои работат на подигање и одржување на квалитетот на високото образование, како и дека се создадени голем број нови институции и тела, како што е Агенција за квалитет  во високото образование и Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност.

Исто така истакнуваат дека високообразовниот систем се прилагодува на потребите на пазарот на трудот, поточно на општеството и тоа ниво е значително покачено и крајниот резултат е намалување на невработеноста кај младата популација. „Особено е важно да се нагласи дека со Болоњскиот процес се создадоа услови за соработка меѓу универзитетите низ Европа, со цел промовирање на иновациите и создавање нови ресурси. Нашите универзитети сè повеќе ја продлабочуваат соработката, особено во регионот, а позитивните европски практики се интегрираат во програмите што ги нудат“, посочуваат од Министерството за образование и наука.

СИНЕРГИЈА ЗА КОНТИНУИРАНИ КОРЕКЦИИ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Научниот советник и редовен професор на Институтот за општествени и хуманистички науки (ИОХН) и воедно директорка на овој институт Катерина Колозова вели дека во Северна Македонија Болоњскиот процес не се применува во вистинската мера, бидејќи постои закон кој е во контрадикција со EGS (European Guidelines and Standards), кои се алатка на Болоња заедно со Еразмус прирачникот за признавање кредити и квалификации, и не само што е во контрадикција туку ги крши сите акти на Болоњскиот процес кон кои имаме обврска како држава. Извештајот за имплементација од 2018 покажува дека само Македонија и Албанија имаат толкав степен на централизација на признавањето квалификации што заедно со некои постсоветски републики се под капата на министерствата/централната власт. Извештајот за 2020 нема никакви податоци за Македонија: никој ништо не известил, темплејтите за податоци за Македонија се внесени и оставени празни, никој не ги потпоплнил.

“И целата Влада потфрла бидејќи во нивната Стратегија за образованието 2021-25 ниту се поклопуваат со периодот на Еразмус 2021-2027, ниту го спомнуваат Еразмус. Европската образовна област – секторот каде се имплементира Болоња – за своја главна алатка ги има Еразмус+ програмите, едноставно Болоња без Еразмус – нема, а нашава влада одлучила дека не е важна, барем така се чини“, вели Колозова

Токму за да се сензибилизира и да се подигне свеста за Болоњскиот процес, ИОХН предводен од Колозов ИОХН, заедно со Форум за разумни политики (ФРП) и Балкански институт за регионална соработка (БИРС), веќе се во фаза на спроведување на проект “Застапување за инклузивен развој“, за поттикнување на реформи во високото образование, кој е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас.

“Врз база на Форумот кој го формираме, постепено ќе градиме мрежа на истомисленици и дури и ќе инаугурираме неформална алијанса/мрежа на креатори на политики, медиумски сојузници, студентски организации, бизнис заедница и граѓански и академски сектор. Таа ќе има за цел да врши постојано влијание врз јавниот дискурс како и директно застапување, независно од тоа кој од која партија е – секој сојузник на ниво на споделена визија за градење политики е добредојден. На овој начин придонесуваме и кон намалување на оптшествената поларизација предизвикана од меѓупартиски тензии“, вели Колозова.

Од Министерството за образование и наука потенцираат дека во моментов се надминуваат предизвиците кои се забележани при спроведувањето на Болоњскиот процес и една од работите на која се посветува внимание е подобрувањето на надворешното оценување на високообразовните институции, кои заедно со акредитацијата на студиските програми се клучни активности во одржувањето на квалитетот на високообразовниот систем.

Целосно и квалитативно спроведување на принципите на Болоњскиот процес останува посебен предизвик кој, според експертите, бара поголема вклученост на сите актери кои го сочинуваат ова поле. Според нив, тоа е процес кој бара континуирани напори и секогаш наметнува нови хоризонти на полето на унифицирање на образовниот систем со европскиот.

Извор: КДП