Форум за разумни политики (ФРП), заедно со Институтот за општествени и хуманистички науки-Скопје (ИОХН-С) и Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) започнаа со имплементација на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас. Главната цел на проектот е да се подигне свеста на стручната јавност и пошироко за важноста на Болоњскиот процес и неговото доследно спроведување, особено за неговата фундаментална вредност – мобилност, како предуслов за мерлива имплементација на меѓусекторското планирање на високото образование.
Проектот има за цел да ја подигне свеста за методологијата на меѓусекторскиот пристап кај невладините организации, институциите, но и јавноста и медиумите, со посебен фокус на основните вредности како што е правото на студирање, правото на работа и правото на добра администрација (член 41 од Европската повелба за основни права), кои се материјализираат во практично остварливата вредност на мобилноста, вредност која е клучна за економско-образовниот интегритет според Кластерот 3.
Токму за да се постигнат овие главни и конкретни цели во рамките на проектот, ќе се спроведат повеќе активности кои во голема мера ќе влијаат на создавање на попрецизна и посеопфатна слика во областа на реформата, кон која цели проектот. Во оваа насока е и создавањето на Форум за хоризонтално и конструктивно следење на политиките, што подразбира организирање низа состаноци со одговорните институции на извршната власт, законодавната власт, високообразовните институции, граѓанските организации активни на полето на образование, со Агенцијата за квалитет во високото образование и Националната агенција на програмите Еразмус, како и со други центри кои имаат влијание врз креирањето на образовните политики.
Проектот ќе спроведе и активности поврзани со претставување на меѓусекторските политики и препораки за реформи. Исто така, создавањето на Мрежата и нејзините активности, особено производите Акционен план и Методологија за мониторинг Кластер 3, ќе создаде основа за активно застапување за промена на политиките, кое ќе има две димензии: застапување пред релевантните национални институции и вклучување на релевантни претставници на ЕУ во процесите и јавна кампања на застапување, што ќе создаде основа за јавен притисок за подобрување на политиките кои се цел на проектот.
Друга активност која ќе биде во функција на целта на проектот е и вмрежување со заинтересирани страни од економскиот сектор, што значи отворање на веќе создадениот форум и мрежа, за независни актери од економскиот сектор, од областа на иновации (ИТ, земјоделство, медицина, физика итн.), со цел да се зајакне притисокот врз институциите за академска отвореност и интернационализација на истата. Секоја иновација мора да биде поврзана со високо ниво на академски напредок, за да биде во согласност со иновативната економска стратегија „ЕРА 2030“, како и со визијата на ЕУ за иновациската економија како „конкурентна предност“ на Европа.
Ова ќе бидат главните активности кои ќе се протегаат во текот на три години колку што трае проектот, додека сите активности се очекува да создадат низа промени и транспонирања во областа на високото образование, а тоа се промената на политиките и правната рамка за поголема хармонизација со европските стандарди. /Л.А.
Извор: Inbox7